Ректорот на Универзитетот Свети Кирил и Методиј, Никола Јанкуловски, вели дека наметната ситуација од пандемијата на корона вирусот ќе направи и одредени промени во образовниот систем. Во интервју за Радио Слободна Европа, ректорот Јанкуловски појасни дека поради фактот дека оваа учебна година нема да се полага ниту државна, ниту училишна матура, ниту пак завршен испит, средношколците кои сега завршуваат и планираат да студираат на некои од факултетите ќе се запишуваат врз основа на постигнатиот успех.„Со оглед на оваа ситуација, ќе се доделуваат сведетелствата, односно дипломите на средношколците без матурите што ги споменав. Повеќето матуранти одат со упис на факултетот врз база на успехот, без приемни испити. Постојат и исклучоци, како што се факултетите за уметностите, таму од практичен аспект има приемни испити, колку идните студенти ќе може да се справуваат со нивната идна професија. Но, за ова се разговара, се анализира ситуацијата. Дури има и некои предлози од деканите да се одржат приемните испити на отворено. Мислам дека тоа некако ќе го решиме“, истакнува ректорот Јанкуловски.
„Сметам дека недостатокот на одредени кадри, на пример епидемиолозите се должи на тоа што таа специјализација ја сметаат за помалку атрактивна. Повеќето се одлучуваат за изборот за хируршките гранки и интернистичките гранки, додека за групата на, како што реков, институтски специјализации постои помал интерес. Можеби тука треба да се делува во самите болници, односно здравствените установи. Првите луѓе на здравствените установи треба некако да делуваат во смисла специјализациите што ќе ги добиваат нивните вработени да бидат канализирани и во согласност со програмата на Минситрерството за здравство, а не по личните убедувања на поединците. Мислам дека ако се направи добра соработка меѓу Министерството за здравство и здравствените центри во земјава ќе се направи добра стратегија“, вели ректорот Јанкуловски.