Тргнувајќи од уставните определби за заштита на основните човекови права и слободи и почитувајќи ги општо прифатените норми на меѓународното право за елиминирање на сите форми на дискриминација врз жената, вклучувајќи го и семејното насилство, Владата на Република Северна Македонија и во вонредна состојба, обезбедува целосна координација во врска со спречување на внесување и ширење на коронавирусот (КОВИД-19) и ги потврдува своите заложби за преземање на сите неопходни мерки за заштита на жртвите на семејно насилство.
За таа цел Министерството за труд и социјална политика во соработка со Мисијата на ОБСЕ во Скопје, подготви кампања за превенција и заштита од семејно насилство во вонредна состојба КОВИД-19 преку која жртвите на семејно насилство, но и целата јавност се информираат за препознавање на сите формите на семејно насилство, каде да се обратат и пријават за помош и кои се постоечките сервиси за заштита на жртвите на семејно насилство.
Семејното насилство е кривично дело. Секој има право да го живее сопствениот живот безбедно и во согласност со своите потреби. Затоа Министерството за труд и социјална политика ги охрабрува жртвите на семејно насилство, но и сите граѓани кои се сведоци или имат сознанија за насилство, да го пријават истото, за да можат стручните лица да постапат и да ги заштитат од сторителот на семејното насилство.
Доколку имате потреба од помош или поддршка или доколку сте сведоци на семејно насилство, не се двоумете да се обратите до: најблискиот Центар за социјална работа или полициска станица на 192 или СОС линиите за жртви на семејно насилство на броевите 02/15-315, 02/15-700, 070/141-700, 075/141-700, 077/141-700.
Доколку е во опасност, жртвата може да го напушти домот и да побара помош и за време на забраната за движење.