Комисијата за заразни болести денеска изрази загриженост од бројот на ново заболени лица од корона вирусот, 36, особено во полошкиот регион, каде во Тетово и Гостивар има нови 13 случаи, но исто така и во Велес и Скопје, пренесува Телма.
“Она што ние денеска констатиравме е дека треба да направиме увид на терен, за што ќе се формираат 2 тима кои ќе излезат на терен, во состав епидемиолог, инфектолог, претставник на министерство за здравство и државен санитарен и здравствен инспекторат. Овие 4 лица ќе одат на увид во центарот за јавно здравје Тетово и центарот за јавно здравје во Велес и будно ќе ја следиме состојбата во наредните неколку дена и никаква одлука за олабавување на мерките нема да биде донесена додека не се добие информација за трендот на движење на заразното заболување Ковид -19. Денеска констатиравме дека 20 лица од овие 36 биле во контакт со заразено лице. Тоа значи дека најверојатно се работи за непочитување на мерките кои се донесени во изминатиот период. Согласно инкубацијата на ова заболување од 10 до 14 дена, ние ги лоцираме проблемите дека се случиле некаде околу Велигден и 1-ви Мај“, изјави Прим.др Жарко Караџовски, за Телма.
Караџовски предупреди дека последиците од непочитувањето на мерките за заштита , како на настанот во Струга, ќе се случат во период од 8 до 10 дена по нивното случување.