Пишува: ЈАНЕ ЃОРЃИОСКИ
Прво се слушна една граната како рокна близу црквата, потоа од втората се стресоа ѕидовите, а народот се разбега. Гостите спраштија низ портата, а Поп Мицко летна газ-преку-глава низ олтарот, па во дворот, скршна кај бунарот и се скри зад каменот со осумкракото сонце, кој уживаше ладовина под костенот. Само мајка Цвета и кумот Раде останаа стаписани и обајцата запулени молежливо во Светецот – молкум му се молеа на Свети Димитрија за спас на прво рожбата од Цвета и Љубе. Раде – кутриот, пребледен силно го стискаше Михајло во рацете, а Цвета преплашено ја тресеше правта, де од веленцето со кое беше покриен Михајло, де од својата шамија, која ја плетеше во самотните зори дури чекаше да слушни некаков абер од Љубета.
Во Локвица немаше стационирано партизани, но Германците не влегоа мирно во селото, Германците напаѓаа.
Ми остана детето недокрстено! – крикна Цвета!
Љубе имаше 16 години кога го оженија, шеснаесет и пол кога замина во партизани. Цвета пак, тогаш имаше 18 години и стомакот поприлично и се заприметуваше. Не знам како е правилно: „замина во партизани“, или пак „го зедоа во партизани“, ама Љубе беше партизан кога му се роди првото дете. Веста за рожбата ја разбра на Бакарно гумно, од Војче од Крапа – курир во Кичевско-Дебарскиот, а со Охридско-Ресенскиот баталјон каде митролезец-нишанџија беше Љубе, се сретнаа во средината на Октомври. Пред да му га нарамат митролезот, Љубе, оставил абер, ако е машко да се вика Михајло, а ако е женско да се вика Дева. Михајло му се родил на 10.10. 1943та година.
Љубе пред да замини во партизани немаше чколија, но беше писмен. Цвета го научи многу повеќе од само да се потпише. Цвета беше прва во класот до осмолетка, за потоа да не продолжи, иако српскиот учител Миливој гледаше потенцијал и инсистираше да ја прати во Белград кај својата жена за да го продолжи школувањето. Татко и на Цвета – Ѓорѓија, силно се спротистави на тоа и ја ожени за Љубета од Поповци. Кога се преселиле од Охрид во Поречијата, Поповци немале поп во фамилијата, ама лоза од попови имале дури живееле во Охрид, па така сите ги знаеја како Поповци од Горно маало. Во Локвица имало две маала – Горно и Долно. Муабетот бил дека тие од Горно биле за Србите, а Долно маало биле за Бугарите. Во селото немало нит Турци, ни други, сите биле Македонци. Поповци по табиет биле терсене луѓе. Кога Софронија – татко му од Љубе, квечерина ќе се враќал од Брод, сите подзабегувале. Го викале Софронија Секирчето. После Војната, кога работел во Битола на Железничка станица, секој ден пешки си идел по пруга од Битола до Прилеп. Во војна, или не, Софронија од секирчето не се делел, секогаш му било опашано од десната страна на каишот. Дури Љубе се носел со митролезот низ планини, Софронија знаел да се носи и со нискиот раст и со секирчето и со мустаќињата, па Цвета, Михајло и Јоца (Јованка – сопругата од Софронија), никогаш гладни не останале.
Љубе бил првиот нишанџија од Локвица кој од баталјонец станал бригадир летото 1944-та. Начул дека за Свети Илија се спрема собир на умните некаде Кумановско, па го молел-штурел Ѓорета да го земи во одредот кој требало да ги чува дури овие заседаваат. Вистината е дека Љубе знаел дека одредот на патот за кумановско, мора да помини низ Локвица, па сакал да ги види плаво-проѕирните очи на Цвета, и Михалјо сакал да го види, ил бар здивот да му го помириса за прв пат на тогаш веќе деветмесечниот син.
Влегол Љубе во одредот кој требало да биди главното обезбедување на Првото заеседание на АСНОМ, но рутата во последен момент ја смениле, па се одело преку Гостиварско, наместо низ Поречијата. По два дена одење, стасале во Прохор Пчињски. Слушал Љубе дека тогаш се удирале темелите на македоската државност, го видел и дедото кој заседавал, чул и песна-химна ко почнувало… Видел Љубе триста чуда тие два дена, некои ги разбрал, а повеќето и не ги разбрал, ама Михајло не си го видел и тука за него завршувале сите разбрано-неразбрани декларации, Брашнари и Изгрејзори.
Два пати куртулил на Сремски фронт. Првиот пат за влакно швабото го промаршил, па му делнал дел од левото уво, а вториот пат го потфатил во левата надколеница и одлежал добри две недели во стационарот во Шид. Кога се вратил во Локвица, татко му Софронија и мајка му Јоца го беше зеле Михајло со нив во Петрово, па Љубе го видел сина си дури по два месеци, кога Михајло имал неполни две години. Кога стасал Михајло за на училиште, Љубе и Цвета веќе имале народено уште 2 деца. Првата Петтолетка, ги натерала да се селат во Прилеп, ама Турците од каде што требало да ја купат куќата во Вишне маало, ќе се селеле за Измир дури по две години. Одлуката паднала Михајло да живее со Турците, за да може да оди на училиште. Мемед и Назмие имале пет деца, Михајло им бил шестото дете, а тие две години дури живеел кај нив го гледале како свое.
Велеше:
– Турски зборував како турче. Мемед ми беше како татко, а мајка Назмие не ме делеши ни од Али, ни од Мазес ни од Ѓултен, ни од Орхан. Мухамед беше поголем од нас, не го запознав, него го имаа пратено во Измир за да седи во куќата која ја беше капариле. Ха… исто како мене што ме имаа оставено моите.
Средно училиште Михајло, учеше во Штип, седеше во училишниот интернат, а факултет запиша во Белград. Таму седеше во Студентскиот град, а во Белград го служеше и воениот рок – Титова гарда, на стража кај Кардељ.
Со Љубе, немаа блискост како татко со син. Љубе за таа изгубена блискост со првородениот, како и за изгубениот дел од увото, го кривеше Првото Заседание на АСНОМ. Михајло пак, не кривеше никого, зашто знаеше дека едноставно тоа беа различни светови, а и различно го перципираа светот околу себе.
И така почна сè!
Другар му Гоце имаше прекумерна тежина, братучед му Атанас остана без работа, внука му Виолета го изгуби малото прсте од левата нога, кумот Раде ја изгуби на коцка цела сермија… и сите тие и сите други од различни причини и со различни изговори за својата несреќа и загуба, го обвинуваа Првото заседание на АСНОМ. Мишо (како што го завикаа Михајло во војска, па му остана за цел живот) уште од мал научи да ги разликува луѓето: на оние кои за својата несреќа го обвинуваа Првото заседание на АСНОМ, и на оние другите.
После првата петтолетка во Републиката на која темелите и беа удрени на Првото заседание на АСНОМ, се формираа три партии: АСНОМ, ААСНОМ (Анти АСНОМ) и Партијата на Кловновите. До десетата петтолетка работите за Асномците одеа горе-долу добро, но потоа, во дванаесетата петтолетка презедоа Антите и работата тргна како кога побегна Поп Мицко од крштевката на Михајло – газ преку глава. За сето време Партијата на Кловновите мируваше во полу-илегала. Основните принципи по кои се раководеа Кловновите беа придобивките од АСНОМ, но она по што се разликуваа од Асномци беше тоа што Кловновите не застануваа само на тоа, туку одеа на прогресирање на заклучоците и придобивките од декларациите кои произлегоа од АСНОМ. Тоа нивно прогресирање не им се бендисуваше ни на Асномците ни на Антите, па така Кловновите одеа сами во борбата за своите уверувања, а како што одминуваше времето а овие други две партии запаѓаа во догма, Кловновите останаа единствените темплари на придобивките од Првото заседание на АСНОМ. Мишо, не беше партиски определен. Да и тогаш имаше партиски неопределени, но беа многу малку. Мишо имаше едно дете – син. Синот му се роди со румени обравчиња, црвено носе и насмеани очи, а пуцвалестата зелена косичка допрва требаше да му порасни. Знаете, тие од Партијата на Кловновите, не стануваа кловнови по политичко убедување, тие се раѓаа како кловнови. Долго време Асномците и Антите се обидуваа да дознаа зошто е тоа така, но одговор не најдоа. Асномците се обидуваа да ги надраснат предрасудите, Антите пак не ги сметаа предрасудите за зло, ами ги нагласуваа различностите, додека Кловновите не се ни обидуваа да ги надминат предрасудите, туку тие се раѓаа без предрасуди. Тоа беа разликите помеѓу трите партии. На крајот од четиринаесетата петтолетка, Аснмците сосема папсаа во беспоштедната борба со Антите. Толку многу снеможија Асномците, што потребата да преземат Кловновите поголема одговорност околу Републиката, се наметна сама по себе. За тоа Антите беа свесни и сета машинерија ја навртија кон расштрафување на Големиот Циркуз, каде беше главното седиште на Кловновите. Циркузот пак, тогаш беше едно многу весело место. Таму индивидуалното немаше страв од колективното, чистата мисла се пренесуваше заразно, а различноста во начините како да се стаса до целта раѓаше квалитет, а не антагонизам. Тоа и такво функционирање на Циркузот не можеа никако да го сфатат ни Антие ни Асномците, и тоа беше нивната најголема слабост и страв.
Единецот на Мишо ја имаше таа среќа не само да се роди како Кловн, туку во својот ген да го носи и кодот за мистеријата на раѓањето на кловновите. И ќерката од единецот на Мишо, се роди како кловн. Кон крајот на дваесетата петтолетка од Првото заседание на АСНОМ, Асномците повеќе ги немаше, Антите го испуштаа својот последен здив, а моќта на Големиот Циркус беше сега непотребна. Непотребно беше и решавањето на мистеријата за раѓањето на кловновите, зашто сите што се раѓаа после деветнаесетата петтолетка се раѓаа како кловнови.
Аманетот што го оставија тие што неволно ги чуваше Љубе (неволно зашто ради нив не успеа да си го прегрни сина си), дента – таму на Прохор Пчински на вториот Илинден четириесет и четвртата, дури после дваесетата петолетка тој аманет доби вистинска реализација, а не проформа, а обидите на тие што низ историјата на Републиката искрено се доближуваа кон тие вредности, останаа запишани на влезот од Големиот Циркус кој сега беше пренаменет во Музеј.
Тоа, внучко мој, е овој музеј каде што сме сега. Ако внимателно забележа, имињата на сите овие што ти ги раскажував беа напишани на таблата во одделните поставки. Тој чудниот лик со брадата и со црната капа и мантија беше Поп Мицко. Таа убавата мома во селски алишта беше Цвета, а тој намќорестиот висок партизан беше Љубе. Тој со петокраката беше комесарот Ѓоре. Мишо беше убавиот човек со црна коса, а синот и сите други понатака можеш да ги препознаеш по румените образи, црвеното носе, веселите очиња и зелената виткана косичка, иста како што е и твојата сега.
И едно да запаметиш внучко мој:
– Твојата посебност како кловн, сега кога конечно сите сме кловнови, е она што те прави единствениот кловн на сите времиња. Сето ова другово, е историја која мора да биде заробена во некој музеј што некогаш бил Голем Циркуз, а кој сега се вика: Музејот на Дваесетпеттолетниот од’ од Првото заседание на АСНОМ!