Местото каде што беше планирана дваесет метарската градба, сега е уредено со зеленило и клупи. Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов соопшти дека нема да дозволи на ова земјиште, кое што има приватен сопственик кој според него во 2012 година го купил од државата во нелегална постапка и за истата се води спор, да се претвори во зграда која ќе го блокира јавниот простор, објави Канал 5.
„Додека јас и градоначалникот на општина Центар сме на овие функции нема да дозволиме јавниот простор да стане луда барокна градба. Скопје е единствениот град во светот каде плоштадот е продаден. Очекувам јавното обвинителство да си ја врши работата, а јас ќе ја водам оваа борба се додека оваа парцела не стане повторно јавен простор“, вели Шилегов.
Градоначалникот соопшти дека е позитивен фактот што оваа парцела никогаш не била префрлена во владение на инвеститорот, па оттаму е и оптимизмот дека повторно ќе се претвори во јавен простор.
„Ова земјиште никогаш не е предадено во владение на т.н сопственици, така што бидејќи го немаат владението не можат ни да го оградат. Нека пробаат да го оградат па ќе видат што ќе ги најде“, додаде Шилегов.
Шилегов додаде дека правото на сопственост не е над јавниот интерес, ниту пак над јавниот простор.