Министерот за транспорт Горан Сугарески истакна дека темпото на изградба на екпресениот пат Штип-Радовиш покажува и како функционира Владата и Јавното претпријатие за државни патишта. – Овој пат е почнат практично во периодот мај 2018 година и очекуваме до крајот на оваа година дека едната делница ќе биде комплетно завршена, рече Сугарески.
Тој ја повика опозицијата да излезе на терен и да види дека во источниот дел има голем број на градилишта, како што се екпсресниот пат Штип-Кочани, реконструкцијата од Пробиштип до Крупиште, а минатата година се санирани и реконструирани голем број од регионалните патни правци. Смета дека во делот на реализацијата на капиталните инвестиции и оваа година ќе биде успешна.
-Сакам исто да потенцирам и во делот на проектот, којшто се работи во Министерството за транспорт и врски во делот на изградба на локални патишта и улици, очекуваме до крајот на месецов или почетокот на другиов да се објави првиот тендер за улици и патишта, наведе Сугарески.
Директорот на ЈПДП Зоран Китанов прецизираше дека на трасата Штип-Радовиш има 18 мостови, вијадукти, а најдолг е мостот кај селото Лакавица во должина од 350 метри. Тој истакна дека изградбата има одлично темпо и очекува оваа прва делница да биде готова околу Нова Година.
-Резултат на тоа е посветеноста на сите чинители во изградбата на овој пат, а исто така да напоменам и многу важна работа е оти овој пат почна со завршена експропријација на земјиштето од 99 проценти. Немавме никакви препреки, освен што имавме во проектирањето, како што е натпатникот Штип-југ кој беше замислен да се гради сосема поинаку, па на секои 14 месеци да биде поплавуван. Така беше проектиран, но ние не дозволивме такво нешто, потенцира Китанов.
Тој истакна дека во разговор со фирмата Штрабаг, која ќе ја реализира и втората траса од оваа делница добил ветување дека од рудникот Бучим до влезот на Радовиш ќе биде завршен во исто време со првата делница иако имаат рок од две години.
Премиерот Оливер Спасовски заедно со министерот за транспорт и врски Горан Сугарески и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Зоран Китанов направија увид на градежните работи на локацијата каде што се гради експресниот пат Штип-Радовиш.