Приврзаници на опозициската партија „Вазраждане“ го блокираа сообраќајот на булеварот Цар Ослободител пред зградата на националното собрание во Софија и се обидоа да влезат внатре. Тие бараат оставка од Владата на Бојко Борисов, пренесува А1он.
Лидерот на „Вазаждане“ Костадин Костадинов, кој истовремено е и организатор на протестот, објасни дека причината за протестот е незадоволството од неуспехот на државата да се справи со последиците од коронавирусот и нанесената економска шетата на бугарскиот народ од наложените репресивни мерки. Тој е категоричен дека сегашната влада не може да продолжи без да го побара мислењето на народот.
„Мерките за надминување на коронавирусот се исти како низ целиот свет, но компензаторните мерки што се за поддршка на граѓаните и претприемачите немаат ништо заедничко со оние во другите земји. Владата не успеа во оваа политика и ние сме тука да го кажеме јасно и категорично“, коментира Костадинов за бугарските медиуми.
Непосредно откако започна протестот, еден млад човек се обидел да влезе во парламентот. Неговиот обид беше спречен од униформирани службеници кои го уапсија по неколку предупредувања да се тргне од пред зградата.
Полицијата ги предупредува луѓето да се држат настрана затоа што собирите се забранети за време на епидемија. Но, толпата луѓе се туркаше и извикуваше „Оставка“, „Оставка“. На неколку пати се обидоа да го пробијат полицискиот кордон, но беа спречени од органите на редот.