Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, денес на видео конференција со претставници на Лидерство за Целите за одржлив развој – Leadership4SDGs, разговарал за целите за одржлив развој до 2030 година, политиките на државата во интерес на остварување на зацртаните цели и македонскиот модел како пример за развој на јавни политики.
Денеска учествував на видео конференција со претставници на организацијата Лидерство за Целите за одржлив развој – Leadership4SDGs предводена од поранешната холандска амбасадорка во Северна Македонија, Симоне Филипини.
На средбата разговаравме за подобро и поинтензивно спроведување на целите за одржлив развој на Обединетите нации како најважна глобална алатка за развој до 2030 година.
Нашата држава има одличен степен на усогласеност со овие цели и дури 83% од јавните политики се во согласност со нив.
Преку храбро лидерство, доследна имплементација и инклузивност најлесно ќе стасаме до целосна усогласеност што ќе донесе сигурен развој во тешките времиња со кои се соочува целиот свет.
Заштита на здравјето, развивање нова економија и поттик на силна демократија се нашите приоритети.
Претставниците на Лидерство за Цели за одржлив развој укажаа дека токму нашиот модел е инспирација за многу држави за натамошен развој на јавните политики, стои во пост на Заев на Фејсбук.
А. Н. С.