Претседателот на СДСМ, Зоран Заев во гостувањето на вестите на телевизија Сител уште еднаш го повтори ставот на партијата дека избори се неопходни во првиот можен рок по намалување на интензитетот на корона вирусот.
„Сега кога излегуваме од здравствената криза треба да се оди на избори, затоа сметаме дека првиот погоден момент би бил идеален. Веќе кажав дека во текот на јули и август е жешко и ќе има отворени граници. Ризикот од зараза е уште поголем од есен, кога ќе се отворат училиштата. Се надевам дека ќе постигнеме консензус со опозицијата на лидерската средба. Ако тие имаат аргументи нека ги извадат на маса и тогаш ќе зборуваме. Нема краен рок што се однесува до СДСМ, ние мораме да се договориме како партии, но ние мораме и да сфатиме дека ќе живееме со здравствената криза.“- изјави Заев на Сител.
Уште еден аргумент на СДСМ е тоа дека државата нема стабилни институции, нема парламент и има техничка влада. Ако политичарите се сериозни и им мислат добро на државата и на граѓаните тогаш е неопходно да се вратат институциите за да може нормално да се функционира, а така ќе може и полесно да и се помогне на економијата, потенцира Заев.