Министерот за здравство, Венко Филипче, по денешниот увид на местото заедно со градоначалникот на град Скопје, Петре Шилегов, меѓу неколкуте значајни подобрувања во рамките на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, го истакна и зголемувањето на капацитетот за паркинг и поголемата поврзаност на целиот кампус.
Со изградениот посебен влез за возилата на брзата помош, сега имаме три вида на сообраќај низ кампусот на Клиничкиот центар – болнички, кој е издвоен од пешачкиот и автомобилскиот. Со поддршка на Владата и градот Скопје извршивме реконструкција на јавните површини за непречено укажување на здравствени услуги, пренесување и транспорт на заболени пациенти од КОВИД-19, како и функционирање на останатите клиники во услови на зголемен обем на работа за време на вонредната состојба, напиша министерот Филипче во пост на Фејсбук.