Шведска ги надмина Обединетото Кралство и Белгија во бројот на смртни случаи по глава на жител заради избегнувањето да воведе строги мерски во време на пандемија, се вели во текст на Yahoo News.
Цифрите кажуваат дека во Шведска, стапката на смртност е 6,08 смртни случаи на милион жители, што е највисока стапка во светот. За споредба, Белгија и Обединетото Кралство имаат 5,57 и 4,11.
Сепак, порастот на смртност во Шведска се случува само во последната седмица, додека во текот на целата пандемија најмногу починати се евидентирани во Белгија, Шпанија, Италија, Обединетото Кралство и Франција.
Епидемиологот Андерс Тегнел, одговорен за стратегиите против Ковид-19, ги отфрла статистиките со образложение дека е погрешно да се фокусираат на билансот на починати само во една седмица.
Ова треба да се разгледува откако ќе заврши пандемијата. Секако е ужасно што имаме толкава стапка на смртност во старските домови, и оние кои работат во вакви услови треба да извлечат поука од ситуацијата, додава Тегнел.
Една студија тврди дека 7,3% од населението во Стокхолм развило антитела за Ковид-19 до средината на април, што ја поттикнува загриженоста дека избегнувањето да се затворат јавните објекти може да резултира со намален имунитет на групи граѓани.
Одлуката на Шведска да не ги затвори училиштата, баровите и рестораните, како и да дозволи собири до 50 луѓе, наиде на поддршка кај оние кои бараа порано олабавување на строгите мерки. Поддржувачите на оваа идеја инсистираат дека земјата е добро опремена да избегне „втор бран“ затоа што голем дел од населението има изградено некое ниво на колективен имунитет.
За споредба, во Норвешка, Данска и Финска каде мерките биле построги, се бележи значително понизок број на смрни случаи во изминатиот месец.
Норвешкиот државен епидемиолог, Фродо Форланд се пожалил дека речиси и да немало критички дебати или медиумска покриеност за високиот број на смртни случаи во Шведска. Се чини дека сакате да ја поддржите владината стратегија, но Шведска оди против целиот свет, истакнува Форланд.
За Дејли Телеграф, шведскиот вирусолот Лена Ајнхорн вели дека била револтирана затоа што Тенгел и неговиот тим не сакале да ја сменат државната стратегија и покрај јасните докази за неуспех во справувањето.
Тие донесоа одлука, и ако признаат дека погрешиле, тоа ќе значи и преземање одговорност за креирањето на лошата состојба, вели Ајнхорн, која е дел од тимот од 22-ца научници и истражувачи кои уште од почетокот на пандемијата ја критикувале поставеноста на државата против заразата со корона вирус.
А. Н. Стојчевски