Организацијата ЛГБТ Јунајтед Тетово свесни за ситуацијата во која се најдоа и ЛГБТ+ лицата за време на вонредната состојба од корона кризата, уште на почетокот на вонредната состојба обезбедиле пакети со храна кои првично били финасирани од, ЛГБТ Јунајтед Тетово. но, бидејќи секој ден пристигнувале сѐ повеќе барања за помош и сакајќи да одговорат на сите повици, побарале поддршка и од пријатели во странство, ЛГБТ+ лица, кои одговориле на апелот за помош и излегле во пресрет за да се обезбеди храна, која интервентно била доставувана низ сите градови во земјава.
„До денес, 21 мај 2020 година, имаме поделено над 300 пакети со храна, 300 заштитни маски за повеќекратна употреба, 300 заштитни маски за еднократна употреба, на 7 ЛГБТ+ лица им помогнавме финансиски да ги подмират тековните трошоци, на 3 ЛГБТ+ лица им помогнавме да ги платаат кириите поради неможноста да се вратат во своите домови, а на над 20 ЛГБТ+ лица им помогнавме да ги набаваат потребните лекарства.“, вели Беким Асани од ЛГБТ Јунајтед Тетово
Тие се заблагодаруваат на сите што учествувале во акцијата за помош на социјално загрозените ЛГБТ+ сограѓани.
„Вашата подадена рака ни овозможи да посетуваме и по четири градови дневно и да поминуваме по 350 километри, кога тоа беше потребно, за да им покажеме на ЛГБТ+ лицата дека не се сами.
Оваа глобална криза ни покажа и дека постојат многу хумани луѓе и дека во ваквите моменти на неизвесност и потреба од помош за најранливите категории на граѓани, хуманоста ја победува омразата, доброто се издигнува над злото, a разликите стануваат невидливи во духот на општочовечката припадност.“, истакнуваат од ЛГБТ Јунајтед Тетово.