Треба ли да нè чуди што откако опозициската ВМРО-ДПМНЕ тргнала во политички „лов на Филипче“, почнуваат да циркулираат лажни вести (и) во регионот?, анализира Вистиномер.мк.
Улогата на министерот за здравство д-р Венко Филипче во справувањето со пандемијата на вирусот ковид -19 кај нас наидува на прилично голема поддршка од јавноста.
Во последната анкета објавена во „Детектор“ дури 71,2 отсто од граѓаните велат дека се задоволни од работата на надлежните во справувањето со епидемијата со корона вирусот, објави порталот nezavisen.mk. на 16.05.2020.
Анализирајќи едно од последните соопштенија на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, порталот заклучува дека:
Во главната опозициска партија решиле да одиграат ризичен политички гамбит, па од денеска, сабота, тргнаа во потера во симнување на аурата и кредибилитетот на министерот за здравство, Венко Филипче, во справувањето со епидемијата на корона кризата. Секако, тоа е поврзано со одлуката за датумот на изборите, од кој веќе, очигледно не може да се бега по позитивниот одговор од ОБСЕ/ОДИХР да ја продолжат набљудувачката мисија за предвремените избори прекината поради епидемијата на корона вирусот.
Ако, пак, се погледнат рејтинзите од екот на пандемијата кон крајот на март, тогаш рејтингот на министерот Филипче изнесувал и вртоглави за наши услови 82 отсто! Треба ли тогаш да нè чуди што откако е констатирано дека опозициската ВМРО-ДПМНЕ тргнала во политички „лов на Филипче“, почнуваат да циркулираат лажни вести (и) во регионот? Не треба, тоа веќе стана редовна пракса. Но, овојпат е употребена и алатката на антиваксерите…
На 18.05.2020 на социјалните мрежи почна да се препраќа текст со бомбастичен наслов: „СКАНДАЛ: Македонски министер ја лажирал вакцинацијата за да ги убеди гражаните да ги вакцинираат децата! “ Со едноставно пребарување за неколку моменти може да се утврди дека овој текст, всушност, веќе бил објавен на порталите во регионот на српски и хрватски јазик пред речиси една година, а сега, со минимални корекции, е само преобјавен.
Извор: Вистиномер.мк