Секое одложување на изборите е на штета на здравјето на граѓаните, на штета на економијата и на демократијата. Лесно е да се направи разлика меѓу оние што само се повикуваат на здравјето и оние што преземаат конкретни чекори да го заштитат, напиша на Фејсбук лидерот на СДСМ, Зоран Заев.
Не е голема визија или одговорност ако 100 пати повториш „здравјето пред сè“. Многу поголема одговорност е да зборуваш за здравјето додека им помагаш на граѓаните, додека соопштуваш факти и точни бројки дури и кога тие не се поволни, да се воздржиш од ширење невистини, да работиш на економски мерки што ја креваат потрошувачката и да не дозволиш вонредната состојба да ја загрози демократијата. Оттука, лесно е да се направи разлика меѓу оние што само се повикуваат на здравјето и оние што преземаат конкретни чекори да го заштитат.
Очекувам ВМРО-ДПМНЕ да учествува на овие избори, кои и самите подолг период ги бараа и за кои заеднички се договоривме да се одржат на 12 април, по што опозицијата влезе и во техничката влада со свои кадровски решенија. Поради кризата ги замрзнавме изборните активности и ги одложивме изборите. Согласно со законските одредби, штом заврши вонредната состојба, продолжуваат и изборните активности, стои во постот на Фејсбук на Заев.