Премиерот Оливер Спасовски денеска соопшти дека во наредниот период треба да се очекува одлука за отворање на границите. За ова прашање, како што соопшти денеска по посетата на Штип, се разговара со соседните земји и со земјите од ЕУ.
-Се разговара и со соседните земји, како и со земјите од ЕУ за отворање на границите. Во наредниот период треба да се чека една таква одлука за отворање на границите, билатерални соработки, реципроцитет, рече Спасовски, одговорајќи на новинарски прашања.
За почнувањето со работа на угостителските објекти, премиерот потенцира дека одлуки за олабавување ќе се носат, но заштитните мерки од страна на граѓаните мора да се почитуваат.
-Владата знае дека угостителите постојат и тие се тие што добија минимални плати и платени придонеси, а тоа покажува дека државата најмногу внимавала и на угостителите. Ние ќе носиме одлуки со кои ќе се разлабават сите овие рестриктивни мерки, ама сето тоа ќе оди со стриктно почитување на мерките од граѓаните. Значи, ние не можеме од една страна да ги намалуваме рестриктивните мерки, а од друга страна преку непочитување на мерките, заштитните мерки го зголемуваме ризикот. Меѓутоа тој ризик треба да си го сподели секој еден граѓанин во државата, рече Спасовски.