Познатиот македонски дизајнер и уметник, Зоран Кардула, на интернет страната Slavorum.org објави дел од своите илустрации кои се посветени на познати припадници на руската авангарда кои имаат оставено маркантно влијание врз уметноста, литературата и светот воопшто, со цел да донесе позитивна енергија во овие времиња кога мислите ни се преокупирани со пандемијата.
Мајаковски, Есенин, Малевич, Хармс се дел од изборот за илустрациите, и како што вели самиот автор, дури и сто години подоцна, припадниците на руската авангарда сè уште можат да го освојат светот.
Уникатниот стил и неисцрпна креативност го обележуваат како еден од највлијателните и најквалитетните графички дизајнери на денешницата во нашава држава, а досега бил и финалист на светски конкурси меѓу кои и конкурс за дизајн на накит за „Swarovski“ и „INYO“.
Во 2017 година има изложба на постери на тема „Soviet Neo-Constructivist Propaganda“ во Минеаполис, САД, а Во јануари 2018 година во Рим ја претставува „Изложба без жири“, поставка на 40 негови дела кои се редизајн на симболите кои ја одбележале социјалистичката ера на поранешна Југославија.
За 23 мај, Интернационалниот ден на Власите, Кардула на својот фесјбук профил го сподели албумот со илустрации посветен на власите ширум светот кои оставиле значаен белег во историјата.
И.Ежова