Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, во пост на Фејсбук објави за одлуката на Советот за етика на медиуми која го уважила приговорот кон Алфа ТВ за прекршување на начелото за застапеност на втора страна при известување.
Станува збор за краток прилог во централното издание на вестите на Алфа, од прес конферeнцијата на портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски со наслов „Шекеринска и Димитров да ги објават сите плаќања на министерствата со кои тие раководат“, во која Арсовски ги обвинил министрите Шекеринска и Димитров дека во рок од 4 дена потрошиле осум милиони денари за репрезентации, услуги во ресторани и патувања.
Советот, во одлуката нагласува дека тоа не било став на медиумот, но и дека Алфа требало да ја објави писмената реакција од кабинетот на министерката Шекеринска, во која стои дека во споредба со периодот на владеење на ВМРО-ДПМНЕ, трошоците на министерството на одбрана се намалени за 6 пати.
Реакцијата била пратена 2 часа пред емитувањето на централното издание на дневникот, па Алфа ТВ имала доволно време да ја внесе содржината, стои во одлуката на Советот за етика во медиумите.
Да не зборуваме ние, нека зборува еснафот: Советот за етика во медиумите го уважи нашиот приговор кон телевизијата Алфа за прекршување на начелото за застапеност на втора страна при известувањето.
Почитувањето на Кодексот на новинарите е од витално значење за кредибилитетот на медиумите и за нивната улога во општеството. Се надевам дека Алфа ќе ја испочитува и ќе ја објави одлуката на својот еснаф на што впрочем ја обврзува и Советот за етика во медиумите, напиша министерката Шекеринска на својот Фејсбук профил.
А. Н. Стојчевски