Од почетокот на вонредната состојба досега Министерството за внатрешни работи издало околу 45.000 пасоши. Од Министерството велат дека е надмината пасошката криза од почетокот на годината, но не даваат прецизни податоци со колкави залихи на обрасци за пасоши располагаат во моментов, објави А1он.
„Моменталната состојба на обрасците за пасоши е на задоволително ниво и моментално пасоши се издаваат непречено без никакви проблеми“, одговорија од МВР на прашањето од „А1он“ кога и колку обрасци за пасоши им стигнале по пасошката криза.
И покрај тоа што постапката за издавање пасоши од МВР уверуваат дека тече и покрај ограничувањата поради коронавирусот, на 15 мај со уредба беше продолжена важноста до 31 јули на патните исправи и возачките дозволи чиј рок истекува за време на вонредната состојба.
Претседателот Стево Пендаровски прогласи вонредна состојба поради епидемијата на 18 март. Од тогаш двапати ја продолжуваше, а важноста на третата вонредна состојба истекува утре.
Сите гранични премини на Македонија поради коронавирусот беа затворени на 16 март со одлука на Владата. За нивно отворање министерот за здравство Венко Филипче денес најави дека ќе одлучуваат следната недела.
Извор: А1он