Eвропската Унија наскоро ќе ја презентира преговарачката рамка и се надеваме дека оваа година ќе ги отвориме преговорите, изјави евроамбасадорот Самуел Жбогар при денешната посета на Општина Ранковце.
Тој смета дека константните реформи и опипливите резултати на Северна Македонија ќе придонесат во напредокот на земјата, а ЕУ и Делегацијата на ЕУ во земјава ќе продолжат со посветеното предводење на земјата во секоја сфера на придвижување, заедно работејќи на солидарност и промоција на заедничките вредности за сите граѓани.
Жбогар присуствуваше на официјално отпочнување на градежните работи на современ систем за наводнување за околу 200 хектари обработливо земјиште во Ранковце, дел од проектот на Европската унија за изградба на „Мали ниско трошковни, еколошки прифатливи системи за наводнување“, финансиран преку ИПА-програмата за земјоделски и рурален развој, вреден 1,7 милиони евра.
„Земјоделството е едно од поглавјата за кои ќе се разговара во претпристапните преговори за влез во ЕУ и препорачувам државата добро да се подготви. Ја охрабрувам Владата и надлежните институции да воспостават реформи и да формираат здруженија за стопанисување со вода и зачувување на овој драгоцен ресурс бидејќи земјоделството е најчувствителен сектор засегнат од климатските промени“, изјави Жбогар.