На Седмата седница на Советот за безбедност одржана кај претседателот Пендаровски, одлучено е да има нови 14 дена вонредна состојба. На Седницата на Советот за безбедност, покрај другите, присутен на покана од Претседателот беше и министерот за здравство Венко Филипче.
Претседателот Пендаровски истакна дека оваа одлука за продолжување на вонредната состојба, нема никаква врска со најавите за предвремени парламентарни избори, туку е поврзана со намерата да и се овозможи на Владата успешно да се справува со здравствените и социјално-економските ефекти од пандемијата.
Пендаровски упати порака до граѓаните и се заблагодари на мнозинството на граѓаните кои ги почитуваат пораките и апелираше да нема опуштање и да се остане совесен и одговорен.
– Негативните трендови во некои општини не смеат да се повод да се вратат рестриктивните мерки во целата држва. Надлежните органи и министерства, мора да ги санкционираат сите граѓани кои не ги почитуваат мерките, без исклучок и независно од нивната верска и етничка припадност. Со неказнувањето на оние кои свесно не ги почитуваат законите, се остава простор за враќање на кризата на самите почетоци и ради тоа и другите граѓани треба да ги трпат рестриктивните мерки, иако за сето време ги почитувале и законите и препораките, истакна Пендаровски во пораката до Владата.
Претседателот Пендаровски упати порака и до политичките партии во која побара што е можно побрзо да се договорат за датумот за одржување на предвремерните парламентарни избори.
– Државата нема парламент. Постои Влада која има лимитирани овластувања. Ситуацијата е премногу сериозна. Барам од сите политички партии да бидат на висина на историската одговорност и да се договорат за датумот за следните парламентарни избори за да добиеме институции со полн капацитет и политички легитимитет Државата не може и не смее да функционира со месеци, само ако има воведена вонредна состојба, истакна претседателот Стево Пендаровски во своето излагање после одржаната седница на Советот за безбедност.
Советот за безбедност е советодавно тело, а одлуката ја носи исклучиво Претседателот.
Претседателот Пендаровски, почнувајќи од 18 март досега донесе три одлуки за прогласување вонредна сотојба. Првите две во времетраење од по 30 дена, а последната од 14 дена.
Ј. Ѓорѓиоски