„Требаше да има погреб во селото, па тогаш жителите на селото Слупчане да се свестат дека коронавирусот постои“, вели за „А1он“, 43-годишниот Абдулфета Шаини, кој вчера ја погреба својата мајка, која по 10 дена ја изгуби битката со коронавирусот.
Неговата сопруга и тој се негативни на коронавирусот, но неговите две деца на возраст од 13 и 9 години имаат позитивни тестови.
Шаини е оџа во селската џамија и тврди дека неговото семејство не се заразило со коронавирусот како последица на ифтарските вечери. Тој се сомнева дека мајка му се заразила по погреб на нивни роднина, каде што била да изрази сочувство.
Од контактот со мајка му се заразиле и 15 негови роднини, чичковци, братучеди и внуци.
Тој вели дека постојано ги советувал верниците кои доаѓале во џамијата да ги почитуваат мерките, особено да избегнуваат собири и ракувања.
Но, и покрај тоа работата излегла од контрола, затоа што голем дел од нив не верувале дека болеста воопшто постои.
„Имавме погреб пред 3 недели, на еден наш чичко и тој беше организиран според протоколите, немаше групирање. Но, кај нас има еден обичај ние го викаме ‘одење на гајрет’, по погребот. Се изразува сочувство за покој на душата и во куќата на починатиот доаѓаат не само блиски роднини туку и други луѓе, кои го познавале и кои не го познавале починатиот. Можеби вирусот го донел некој од друго село, затоа што тој ден во куќата влегле можеби 30 до 35 луѓе, кои се ракувале меѓусебе, а некои воопшто и не ги познаваме. Ги опоменувавме да држат растојание, да не влегуваат повеќе од двајца. Но, ете вакво невнимание, може да ве чини изгубен живот“, раскажува Абдулфета.
Засега, најголема грижа како што вели, му е здравјето на децата и се надева дека наскоро ќе добие негативни тестови за нив, за да може да каже дека ја добил битката со болеста.
Извор: А1он