Граѓански новинар испрати повеќе фотографии и видео материјал на кои се гледа полициски службеник во униформа и со службено оружје, како е фатен на оро на една семејна прослава во Кочани, пред една недела, на 29 мај.
Видеа и фотографии од овој настан можат да се најдат и на социјалните мрежи. Како што може да се забележи, полицискиот службеник, наместо да се грижи за почитување на мерките за заштита од коронавирусот, се фатил на оро, среде вонредна состојба за борба против коронавирусот. Никој од присутните не носи заштита, не држи дистанца, како ни веселиот и разигран полицаец.
Идентитетот на полицаецот ѝ е познат на Редакцијата, но нема да го открива додека не добие одговор од МВР, каде што е испратен целосниот материјал и од каде што се очекува одговор на повеќе прашања што произлегуваат од ова скандалозно однесување среде коронавирус кризата.