Инспекциските служби ќе воведат засилени контроли и мониторинг во таргетирани подрачја на градот Скопје и општините во градот Скопје, потоа во околните скопски општини Арачиново, Студеничани, Илинден, Петровец и Зелениково, како и во општините Куманово, Липково, Штип и Карбинци, Тетово и тетовски општини Боговиње, Брвеница, Теарце, Желино и Јегуновце, каде што е регистриран поголем број на новозаразени граѓани.
Инспекциските служби ќе продолжат да функционираат со полн капацитет за заштита на населението од ширење на коронавирусот, но и за заштита на правата на секој граѓанин. Испекторите ќе бидат строги во контролите и ќе следуваат соодветни санкции за сите што ќе се осмелат да ги прекршат.
Инспекциските служби имаат и ќе продолжат со интензивни активности во овие најпогодени подрачја, но исто така нема да се занемарат и сите други населени места, општини и градови. Многу е важно стопанствениците максимално да ги почитуваат донесените протоколи за работа, а уште поважна е свесноста на граѓаните кои исто така треба да реагираат во случај на детектирање на непочитување на протоколите на правните лица, но и да ги применуваат мерките за самозаштита: носење на маска и евентуално ракавици, држење на дистанца од 1,5 до 2 метри, како и редуцирање на непотребни социјални контакти, вели Фипиповска-Грашкоска.