Летната сезона е пред самиот праг, а состојбата со закупот на плажите на Охридското езеро не е решена. На предлог на Министерството за транспорт и врски, Владата вчера ја дополни Уредбата со законска сила за примена на Законот за градежно земјиште за време на вонредна состојба, пренесува Мета.мк.
Со дополнувањето, се задолжува закупецот да го врати во првобитна состојба градежното земјиште кое било предмет на краткотраен закуп, предвидено со урбанистички план или урбанистичко-планска документација за плажа, а за кое временскиот рок за краткотраен закуп е истечен или договорот за краткотраен закуп е предвремено раскинат.
Ваквата владина одлука за враќање на плажите во првобитната состојба доаѓа откако концесионерите на охридските плажи неодамна побараа да не им се наплатува концесија и ова лето. Овие концесионери стопанисуваа со плажите речиси две години без потпишан договор, но по се изгледа ќе мора да ги вратат плажите во првобитна состојба.
Станува збор за 14 плажи кои бесправно работат од 2013 година до денес. Планот е од исклучително значење за успешно исполнување на процесот на препораките од Комитетот за светско културно наследство, со кои Охрид треба да го зачува статусот на УНЕСКО како заштитено подрачје и дел од светското културно и природно наследство.
Општина Струга ќе поднесе иницијатива пред Уставниот суд против владината уредба за отстранување на објектите и на урбаната опрема од плажите на Охридското езеро.
„Уредбата, не само што ќе го спречи користењето на плажите на прагот на туристичката сезона, што значително ќе влијае на економскиот развој на Општината, туку ќе предизвика и загадување на крајбрежјето, што за нас е крајно неприфатливо“, реагираат од Канцеларијата за односи со јавност од Општина Струга.
Градоначалникот на Струга Рамиз Мерко остана цврсто на ставот дека нема ниту една дивоградба во заштитениот појас на Охридското езеро во Струга. Струшката локална самоуправа го проби рокот за изработка на попис или регистар на бесправно изградени објекти, задолжение кое го доби од Владата, како дел од препораките на УНЕСКО