Ако не се договорат политичките партии за изборите, тогаш Уставот и законот ќе одлучат, таму е пропишано. Тие не можете да ги кршите, тие се светост во државата. Мене ми е јасно дека Мицкоски бега од избори“, изјави во дебетниот магазин Клик плус, претседателот на СДСМ, Зоран Заев.
„Треба да имаме избори час поскоро. Пет месеци немаме Парламент, Шест месеци имаме техничка влада. Требаат избори за да бидеме здрава демократија. ….Очекувам да излезат 900.000 гласачи, или 50-60% “, изјави Заев.
Денеска е пуштено и писмо до мисијата на ОБСЕ/ОДИХР, рече Заев.
Кога разговарале со Христијан Мицкоски, рече Заев, ги спомнале нивните позиции. Заев го кажал 1 јули, а лидерот на ВМРО-ДПМНЕ 15 јули, па средината била најдена на 8.
„Кажи, речи беше договорено да биде 8 јули“, рече Заев, додавајќи дека потоа опозицијата се предомислила.
Но, сепак, рече тој, може да се договорат за овој датум ако има расположение кај Мицкоски.
„Тогаш јас ќе излезам пред граѓаните и ќе кажам Владата да побара уште само три дена вонредна состојба за да го имаме 8 јули како датум за избори“, изјави Заев.
8 јули е среда, а не недела – ден во кој се одржуваат изборите. Ако овој датум би бил изборен ден, тогаш, како што кажа Заев, би се прогласил за неработен ден. Тој ги спомена опциите кои биле разгледувани, па рече дека една од варијантите е изборниот молк да почне од недела, а во понеделник и вторник, поради ситуацијата со коронавирусот, да гласаат хронично болните.
Меѓутоа, владејачката партија сама нема да „чепка“ и да менува доколку за тоа не се договори со опозицијата.
Ако не падне договорот, тогаш рече Заев, останува актуелната состојба и според Уставот и законите, избори треба да има на 5 јули односно 22 дена по завршувањето на вонредната состојба.
За ваква варијанта на последната прес-конференција зборуваше и претседателот Стево Пендаровски кој рече дека се разгледувало избори да има во работен ден.
„Според одредени нивни искажувања, во таа нивна комуникациска размена на мислења се спомнува и неработен ден како можност за гласање, не само недела како што е досега, бидејќи тоа е возможно со промена на закон или со уредба со законска сила. Може да се гласа и во среда, да речеме“, рече Пендаровски на прес-конференција на 30 мај кога зборуваше за комуникацијата меѓу партиите.
Во однос на отворање на границите, Заев посочи дека отворањето на границите и справувањето со коронавирусот зависи од самите нас.
„Најдобронамерно сакам да укажам, решението на проблемот и паѓањето на бројките е кај нас, кај граѓаните, кај сите. Колку повеќе почитуваме, толку бројките ќе бидат помали“, порача Заев.