Министерот за здравство, Венко Филипче, на својот Фејсбук профил го одбележа 14 јуни, Светскиот ден на крводарителството со акцент на дарувањето крвна плазма, која како што вели тој, претставува лек и надеж за потешките пациенти заболени од коронавирусот.
-Обезбедивме конвалесцентна плазма за третман на 23 пациенти заболени од Ковид-19. На Светскиот ден на крводарителството – 14 Јуни, ја испраќаме пораката дека дарувањето крв е највисокиот чин на хуманост и алтруизам, со кој се спасуваат човечки животи.
Оваа година, овој ден го одбележуваме во знак на дарувањето крвна плазма – кој претставува лек и надеж за потешките пациенти заболени од коронавирусот. Им се заблагодарувам на сите наши херои, крводарители, дарители на тромбоцити и дарители на конвалесцентна плазма за грижата која ја покажуваат. Упатувам апел сите излекувани лица од овој вирус да даруваат крвна плазма и заеднички да им помогнеме на нашите сограѓани, побрзо да го спречиме ширењето на коронавирусот.
Дарувај плазма, спаси живот, напиша Филипче на својот профил.