пишува: ЈАНЕ ЃОРЃИОСКИ
– Денес бев во Горно Лисиче, на „Горноврановска“, каде заедно со првиот генерален секретар Борис Змејковски откривме плоча во спомен на формирањето на ВМРО-ДПМНЕ, пред точно 30 години. Од МК Горно Лисиче почна приказната која трае 30 години. “Изворот” не смее да биде заборавен, а идејата трае – Македонија! Честит роденден ВМРО-ДПМНЕ!, се пофали на својата фан страницата претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Од она што може да се види на ФБ страната кај Мицкоски (од изборот на фотографии што ги постирал), не се добива целиот впечаток што всушност се случувало на вмровската прослава и колку луѓе биле присутни на истата.
Но, и други фотографии осамнаа на Фејсбук од различни профили од јавниот собир, од кои може да се забележат поголема група на граѓани, како слават по повод годишнината на ВМРО ДПМНЕ, во друштво со нивниот претседател и раководството од партијата.
Во присутните на вмровската прослава во Горно Лисиче, како што може да се забележи, покрај другите, имало и малолетни деца со кои се поздравува Мицкоски.
Инаку, во Македонија денеска како што јавува министерот Филипче, регистрирани се 193 нови случаи на Ковид-19, од кои 140 се во Скопје.
Министерот Чулев денес се пофали на Фејсбук дека од СВР Скопје, делеле заштитни маски и совети на граѓаните во Карпош.
Што ќе одговори министерот на полицијата Наќе Чулев, за овој собир, или ќе нè убедува дека ова се лански фотографии. Можеби ќе речат дека им бил хакнат профилот на Фејсбук од странски служби и соросови платеници?
Прашањата што се поставуваат од граѓаните се во правец на тоа за каква заштита на јавното здравје се залага претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, кога во вакви кризни моменти и покрај сите препораки за избегнување на поголема група на луѓе, Мицкоски организира и присуствува на вакви собири.
Да се потсетиме дека само пред неколку дена Мицкоски ја малтретираше целата јавност со пазарење за датумот за одржување на предвремените парламентарни избори, со изговор дека не е безбедно во овие моменти да се одржат изборите, а сега присуствува на собир, очигледно организиран од неговата партија, во група од неколку десетици или стотици симпатизери собрани на едно место.
Се поставува и прашањето, зошто Мицкоски не ги постирал фотографиите на кои се гледа толпата луѓе, туку одбрал да постави фотографии на Фејсбук страната, каде нема повеќе од три лица, или и овој пат мислел да помине со евтините финти како со случајот со тоа не се ракавици, туку отсјај, или со тоа дека не ги знаел протоколите?
Има ли крај лицемерието на Мицкоски?