Има ли ВМРО-ДПМНЕ капацитет и волја да спроведе безбедна изборна кампања? Ова прашање произлегува од ситуациите во кои првиот човек на партијата, Христијан Мицкоски, во неколку наврати беше фатен како ги прекршува здравствените протоколи и со тоа покажа склоност дека не сака да ги почитува мерките. Уште поголем срам беше кога за седењето во кафана во затворениот дел се правдаше во јавноста дека не ги знаел во целост владините мерки за заштита.
Следствено на тоа, дали и другите партиски функционери, а во случајов и кандидати за пратеници, исто така не ги знаат и не сакаат да ги почитуваат протоколите и мерките? Важен е и одговорот на прашањето дали можеби ќе покажат волја да се запознаат со мерките за заштита до стартот на кампањата и ќе ги почитуваат, спротивно на нивниот лидер?
На јавниот собир на ВМРО ДПМНЕ во Горно Лисиче на 17 јуни, многумина граѓани беа во група и не се придржуваа кон мерките за заштита.
Во период кога сите повикуваат и се организираат за безбедна изборна кампања, ВМРО-ДПМНЕ прави собири со граѓани во поголеми групи и на тој начин партијата манифестира несовесно однесување, налик на она на нејзиниот претседател, кога во време на забрана одеше да тренира во теретана или седеше во затворен дел од кафана и со тоа го загрозуваше јавното здравје.
Овие денови, политичките партии промовираат модели и начини како ќе комуницираат со гласачите. Воедно, се очекува од партиите дека внимаваат да не ги прекршат здравствените протоколи, а тоа значи без големи собири и фокус на медиумска и електронска кампања. СДСМ на прес конференција направи своевидна промоција на тоа како ќе се грижат за гласачите и како ќе придонесат во заштита на јавното здравје.
Во услови на пандемија, СДСМ најави 100% безбедни избори, но и безбедна кампања. На граѓаните ќе им се обраќаат преку видео и графички пораки преку социјални медиуми, пренос на видео конференции во живо преку интернет, гостувања во медиумите, спотови, веб банери.
Понатаму, предвидени се и офлајн активности што подразбира истакнување билборди, печатени програми и летоци, информативни штандови, прес конференции, како и средби со граѓаните со публика ограничена на 50 граѓани на отворен простор и 30 во затворен простор. Секако дека присутните ќе мора да носат маски и да држат растојание од најмалку два метра. Во оваа кампања, СДСМ нема да прави посети од врата на врата.
Отворено е прашањето дали здравствените протоколи ќе ги следат и другите партии и дали ќе придонесат кон безбедна кампања. Колку ВМРО-ДПМНЕ ќе ги следи здравствените мерки и препораки, ако се знае дека изминатите месеци покажуваат склоност да ги прекршуваат? Доколку партијата на Мицкоски донесе одлука да престане со јавните собири во големи групи и ги организира со намален број посетители, има обврска да ги организира на тој начин што присутните ќе одржуваат и физичка дистанца и ќе носат маска. Секој друг облик на собирање претставува ризик за јавното здравје.
Самиот Мицкоски во повеќе наврати манифестира крајно несериозен однос кон здравјето, за по инцидентите да соопштува дека не ги познава владините мерки. Тоа е зачудувачки, ако се знае дека неговата партија многу пати имаше јавни настапи токму околу мерките. Несфатливо е како може Мицкоски и другите функционери на партијата да говорат за мерките за заштита, а да не ги познаваат.
Јавноста очекува од ВМРО-ДПМНЕ треба да промовира безбедна кампања. Сепак, дури и да се случи тоа, прашање е дали и ќе ја спроведе во пракса.
Д. Е.