Мерката ослободување од плаќање на аконтации по основ на данок на добивка и данок на личен доход за самостојни вршители на дејност продолжува и во месеците јуни и јули, напиша министерката Ангеловска во пост на Фејбук.
Како дел од првиот сет економски мерки погодените компании и вршителите на дејност имаа можност да поднесат барање за ослободување од плаќање аконтации.
Над 1.500 компании и вршители на дејност ја користат мерката, а сега истата продолжува да важи и за месеците јуни и јули 2020.
Најмногу од компаниите кои ја користат се од дејностите: Транспорт, дејности за подготовка и служење на храна, туристички агенции, туроператори и останати резервациски услуги како и дејностите поврзани со нив и објекти за сместување
Најголем број од претпријатијата ослободени од аконтација за данок на добивка се микро и мали со преку 90% застапеност.
Со ова се поддржува ликвидноста на погодените компании со цел полесно да се справат и опорават во периодот кој следи.