Косовскиот политички аналитичар Неџмедин Спахиу попладнево кажа дека доколку се покрене обвинение против Хашим Тачи, тој нема да може да оди на разговорите Белград-Приштина во Вашингтон, закажани на 27 јуни, и ќе мора да си поднесе оставка од функцијата.
Спахиу за Косово онлајн изјави дека обвинението против Тачи, Кадри Весели и други лица не може да го загрози дијалогот и не може да ја дестабилизира ситуацијата на Косово.
Спахиу тврди дека со ова нема да се затресе „репутацијата на Косово“, бидејќи бриселскиот дијалог и дијалогот меѓу Белград и Приштина не се загрозени, со оглед на фактот дека за нив е одговорен косовскиот премиер, а не Тачи.
Со нетрпение го очекувам разговорот со претседателот Вучиќ и со премиерот Хоти, изјави специјалниот претставник на Белата куќа, Ричард Гренел, објаснувајќи дека Хашим Тачи го информирал дека нема да дојде во Вашингтон, на средбата што е закажана за сабота, откако против него денеска беше покренато обвинение.
Гренел на Твитер напиша дека Тачи го информирал дека го откажува патувањето, по изјавата на Специјалното обвинителство.
We look forward to Saturday’s discussions which will be led by President Vucic and Prime Minister Hoti. https://t.co/j7KhhfbQX1
— Richard Grenell (@RichardGrenell) June 24, 2020
Ја почитувам одлуката на Тачи да не присуствува на разговорите додека не се решат правните прашања во врска со обвинението, напиша Гренел на Твитер. В сабота разговорот ќе го водат претседателот Вучиќ и премиерот Хоти.
Специјалното обвинителство за Косово денеска покрена обвиненија против Хашим Тачи, Кадри Весели и други осомничени за голем број злосторства против човештвото и воени злосторства, вклучително и убиства./МИА/