Вечерва влегуваме во нов поход, барајќи поддршка од граѓаните за да продолжиме да ја водиме нашата земја и следните четири години, рече лидерот на СДСМ на граѓанска трибина.
Го поминав целиот свет, но само дома си е дома. Затоа нашиот карван вечерва тргнува од Струмица. Затоа што Струмица ни е среќа, Струмица е како „С“ од Социјалдемократскиот сојуз – најголемата партија во Северна Македонија, рече лидерот на СДСМ Зоран Заев, на вечерашната трибина во неговиот роден град, со која ја стартува кампањата како носител на листата на колаицијата „Можеме“ во четвртата изборна единица.
„Можам да кажам дека вечерва влегуваме во еден нов поход, барајќи поддршка од граѓаните – да ни пренесат чест и одговорност за да продолжиме да ја водиме нашата земја и следните четири години. Кога беше до нас, носевме одлуки и воопшто не калкулиравме, ниту со нашите кариери, ниту со нашите партиски рејтинзи. Носевме мудри и сериозни одлуки. Одлуки што никој во изминатите 30 години немал храброст да ги донесе. Одлуки што го отворија коридоот пред нас, што ни ги отворија сите перспективи“, рече Заев.
Додаде дека сега е време за нови иницијативи, за нови потфати и успеси на кои се обврзуваат.
„Имаме план, имаме модел за успешно справување со последиците од корона кризата. За уште посилен економски раст, уште поодговорни институции. Подготвивме мерки кои носат правда и дисциплина. Градиме држава за достоинствен живот за сите. Инвестираме во македонското здравство за уште поголема грижа за здравјето за граѓаните. Создаваме земја на слободни и одговорни луѓе, држава која ги решава проблемите на ефикасен и праведен начин, држава која обезбедува почитување на законите и неселективна казнивост за криминалот“, подвлече Заев.
Посочи дека е остварен врвниот стратешки интерес со влегувањето во НАТО, а земјава почнува преговори за членство во ЕУ.
„Сега знаеме, сигурни сме дека го можеме тоа. Тоа носи сигурна иднина за сите нас и за сите наши деца и гарантиран брз економски развој. Со СДСМ македонската иднина е сигурна, безбедна и извесна“, рече лидерот на СДСМ.
За ВМРО-ДПМНЕ, предводена од Христијан Мицкоски, истакна дека е партија без став за ниту едно важечко прашање. Партија која не успеала да се промени и која секој ден претставува опасност за државата.