Што да кажам, уште еден шпицен кандидат. Немаме ништо против човекот, но верувам дека неговото учество во вака уценувачка понуда не е соодветно. Тој за 20 дена не може да го реформира ДУИ, на ДУИ му треба поминување во опозиција четири години за да може да се реформира да биде добра партија.
Ова го истакна лидерот на СДСМ и носител на листата на Коалицијата „Можеме” во изборната единица број 4, Зоран Заев, вечерва на граѓанска трибина во Струмица, зборувајќи за предлогот на ДУИ Насер Зибери да биде кандидат за премиер.
Верувам, додаде Заев, дека ова е само политика и политиканство затоа што мандатот на крајот на денот го даваат граѓаните.
-Тие бираат личност, кадар посветен, што тоа го докажал досега и верувам дека на 15 јули граѓаните преку својот глас ќе определат кој ќе биде идниот премиер на македонската Влада, истакна Заев.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на гостување во централните вести на телевизија Сител на кои се вклучи од Охрид каде денес е во посета, се осврна на темите кои ќе ги актуелизира во кампањата.
Мицкоски се осврна и на денес презентирана идеја од ДУИ, дека политичарот Насер Зибери е кандидат за премиер на нивната партија.
„Премиер не се станува во канцеларија, треба да се излезе пред граѓаните и да се добие поддршка така се станува претседател на Влада. Ја прифатија идејата на ВМРО-ДПМНЕ за шпицен кандидат, сега се надевам дека ДУИ ќе понуди и програма што ќе го привлече вниманието на сите граѓани без разлика на етничка припадност, а начинот на кој ја почнаа кампањата е дополнително оптоварување за граѓаните и дополнителна поларизација, а ние тој начин на водење политика го одбиваме. Тоа не е добар концепт, тоа ќе го видат граѓаните. Граѓаните ќе се одлучат за концепт кој нуди додадена вредност и подобар живот за сите“, рече Мицкоски.
Насер Зибери е кандидат за прв премиер Албанец предложен од страна на претседателот на ДУИ, Али Ахмети. Името на Зибери ДУИ го објави на првата промотивна конвенција на кандидатите за пратеници. Ахмети рече дека чекор по чекор ги реализирале сите ветувања и дека сега е вистинското време за премиер Албанец.
Кандидатот за премиер Насер Зибери во неговиот говор рече дека не би ја прифатил понудата доколку не бил убеден дека ова е национален проект.
„Реков да за кандидатурата бидејќи ова идеја е поголема од мене, ова идеја е поголема од ДУИ. Јас не би ја прифатил понудата доколку не бев убеден дека ова е национален проект и преку ова идеја ќе се факторизира албанскиот народ во Северна Македонија.“, рече Зибери.
Инаку Насер Зибери е поранешен пратеник во Собранието на Северна Македонија како член на ПДП. Роден е во 1961 година во скопско Ласкарци. Тој по професија е правник а беше и Министер за труд и социјална политика.