Новата аудио снимка, која е своевидно продолжение на претходно објавената, од состанокот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, со осудениот во „Рекет“ Зоран Милевски Кичеец и Слободанка Алексовска од ВМРО-ДПМНЕ, открива дека Мицкоски, сепак, добро се познавал со бизнисменот Орце Камчев. Како што е познато, Мицкоски постојано и недоволно уверливо се обидува да ја излаже јавноста дека нема никаква врска со него. Истото Мицкоски го тврдеше и за Кичеец, дека наводно не се познавале и немале соработка, но аудио снимките го потврдуваат сосема спротивното.
На последната аудио снимка објавена на интернет, јасно се слуша како Мицкоски на Кичеец и Алексовска им се жали дека го посетувал Камчев, но дека сигурно е снимен како со колата влегува во неговиот дом, затоа што во тој период Камчев бил под ПИ мерки и го следеле надлежните органи. Од денешната снимка уште еднаш се потврдува дека Мицкоски и Кичеец се во блиска релација според содржината на аудиото, но сега се потврдува и дека Мицкоски не само што имал контакт со Камчев, туку имал и средби на приватни локации што говори за нивната блискост и соработка.
После ова, станува јасно зошто Мицкоски со месеци нема одговорено на прашањето дали Орце Камчев ги финансира изборните кампањи на ВМРО-ДПМНЕ, иако СДСМ многу пати го постави тоа прашање на прес конференциите. Исто така, сега е појасно дека долгот на ВМРО-ДПМНЕ од 400.000 евра во кампањата за Гордана Силјановска Давкова сепак има врска со фирмите на Орце Камчев.
Мицкоски имал добра причина да молчи и да не одговори на прашањата дали и како Камчев ги финансира неговите изборни кампањи, исто како што сега има уште поголема причина да молчи и за „Рекет“, но и за соработката со Камчев и Кичеец. Аудио снимките се добра основа за истрага од надлежните, да ги проверат релациите на Мицкоски со овие двајца, за да се открие дали и тој знаел и бил дел од рекетот.
После ваквите аудио снимки кои недвосмислено потврдуваат дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски, имал постојани и блиски средби со Кичеец и Камчев, јавноста има право да знае кој, всушност, е поврзан со случајот „Рекет“. Во секој случај, паѓаат во вода и многу пати повторените тврдења на Мицкоски во кои тој се обидува да ги поврзе Зоран Заев и СДСМ со случајот „Рекет“.
Практично, испаѓа дека човекот кој се среќавал со двајцата директно вмешани во рекетот на Боки 13 и Катица Јанева, се обидува да ја манипулира јавноста и вината да ја префрли кај СДСМ. Но, со денешната снимка, станува малку појасно кој можел да има врска со случајот „Рекет“: само оној кој имал врска со Камчев и Кичеец. Тоа е тоа.
Д. Е.