Со концертот „Скопје во три бои“ вечер од 20.30 часот во Сули ан ќе биде отоврен 41-от фестивал „Скопско лето“, кој традиционално почнува на 21 јуни. Поради пандемијата, Дирекцијата за култура и уметност на Скопје (ДКУС) ќе ја организира летната манифестација на главниот град согласно со протоколите за организација на јавни настани донесени од Владата.
Бројот на публиката ќе биде ограничен и задолжително ќе биде почитувањето на препорачаните мерки: носење заштитни маски, мерење телесна температура, одржување на пропишаната физичка дистанца меѓу посетителите во гледалиштето и дезинфекција, а влезот на публиката во ќе почне половина час пред настанот.
-Согласно протоколите и заради регулирање и контрола на бројот на публика ќе се продаваат влезници по симболична фестивалска цена од 100 денари. Влезниците за настаните ќе се продаваат онлајн преку: kupipartizase.com или во салонот на „Југотон“ во Градскиот трговски центар, соопшти ДКУС.
На вечерашниот концерт „Скопје во три бои“ во Сули ан ќе настапат: Душко Георгиевски – вокален изведувач и флејта, Ратко Даутовски – ударни инструменти, Емил Адамски – кавал и акустичен бас, Бајса Арифовска – пијано, тамбура, виолина, кларинет и Благоја Алачки – гитара.
Организаторот соопшти дека музичката програма ги сплотува македонската, ромската и турската популација во нашето поднебје како убав спој на три музички култури во едно и дека ќе ги разбие стереотипите за поделеност.