Рускиот агресор ја нападна Украина со 580 беспилотни летала и две наведувани авионски ракети Х-59 во ноќта кон 15 октомври. Нападите предизвикаа нови човечки загуби и уништување: тројца загинати се потврдени во Кропивницки, а две лица загинаа во Днипропетровската област. Удари и оштетувања се регистрирани и во други региони.
Кропивницки: Тројца загинати, шестмина повредени
Кировоградската област претрпе најголем напад со дронови од почетокот на руската инвазија со целосни размери, според регионалниот гувернер Андриј Рајкович, чии информации ги пренесува Reuters. Нападнати биле критична инфраструктура, транспортни и логистички објекти, како и станбени подрачја.
Во регионалниот центар Кропивницки загинаа три лица, а шест се повредени. Нападот започна вечерта на 14 октомври и продолжи во текот на ноќта.
Во Новоолександривската општина, во Днипропетровската област, загинаа две лица. Во Павлохрад избувнаа пожари во приватни куќи. Во Полтавската област се пријавени погодоци врз две индустриски претпријатија.
Нападите продолжија и утрото во Кијив. Според градоначалникот Виталиј Кличко, во Печерскиот реон дрон паднал во близина на петкатна станбена зграда. Повредени се шест лица, од кои две се хоспитализирани. Оштетени се и соседни станбени објекти.
ПВО неутрализирала 536 дронови
Според украинските Воздухопловни сили, до 08:00 часот по украинско време биле соборени или потиснати 536 беспилотни летала. Во нападот биле употребени „Шахед“, „Гербера“ и дронови-мамки „Пародија“. Регистрирани се погодоци на 31 локација, а паднати остатоци на уште 11.
На фронтот: 260 борбени судири
Украинскиот Генералштаб соопшти дека во текот на 14 октомври биле регистрирани 260 борбени судири. На Покровскиот правец руските сили извршиле 35 напади, на Костјантинивскиот 22, а на Купјанскиот 18. Во истиот дневен биланс се наведуваат 85 руски воздушни удари и 278 употребени наведувани авиобомби.
Дир: Замрзнатите руски средства да ја финансираат украинската одбрана
Украинската амбасадорка во Северна Македонија, Лариса Дир, во објава на платформата X предупреди:
„Според информациите, во 2027 рф планира да потроши 180 млрд евра за воени потреби (40% повеќе од трошоците во 2026). Овие бројки сведочат дека рф се подготвува за продолжување на војната. Трошоците за одбраната на 🇺🇦 треба да се покриваат со користење на замрзнатите руски средства“.
Според информациите, во 2027 рф планира да потроши 180 млрд евра за воени потреби (40% повеќе од трошоците во 2026). Овие бројки сведочат дека рф се подготвува за продолжување на војната.
Трошоците за одбраната на🇺🇦 треба да се покриваат со користење на замрзнатите руски средства https://t.co/SFD7ZkDM6U— Larysa Dir (@dir_larysa) October 15, 2026
И украинското Министерство за надворешни работи ја наведува оваа проекција, прецизирајќи дека зголемувањето е во однос на буџетската алокација за 2026 година.
Станува збор за планирани средства за 2027, а не за веќе реализирани трошоци.
Извор: ЦИВИЛ МЕДИА






