Независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ го осуди објавувањето и снимањето на разговори во кои тие се инволвирани. Како што велат, ова е нечесен пристап кон нив и бараат од надлежните органи да го истражат случајот и да се дознае кој, како и зошто ги снимал средбите.
„Независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ го осудува ваквиот нечесен пристап кон нас, снимање и јавно објавување на разговори кои се водени на средба со претседателот на партијата, Христијан Мицкоски, која се одржа во канцеларијата на координаторот Никола Мицевски во Собрание, и на истата беше присутен и тој.
Како пратеничка група, се оградуваме од ваквите игри кои очигледно се нова режија на некој кој покрај нас, бил присутен на средбата, со цел наше деградирање. Како и досега, НПГ на ВМРО-ДПМНЕ останува транспарента кон јавноста и чесна во пристапот. Нашите заложби секогаш беа искрени и во интерес на функционални институции.
Во однос на снимките, појаснуваме дека на Youtube се објавени само исечоци од по неколку секунди, а пак
средбата и разговорот со господинот Мицкоски траеше подолго“, се вели во нивната реакција.
Снимките покажуваат дека Христијан Мицкоски имал тајни средби со исклучените пратеници и ги убедувал да не гласаат за Законот за јавно обвинителство.