Денеска, на 14 јули на предвремените парламентарни избори 2020 година ќе гласаат болните, немоќните, хронично болните, лицата во затворите, во старските домови и во домашен притвор. Според информациите од ДИК, од пријавени 9.499 болни, немоќни и хронично болни лица во ОИК прифатени се барањата на 8.852 лица кои согласно упатството на Комисијата поднеле соодветна медицинска документација за да докажат дека имаат потреба од гласање во сопствениот дом. Гласањето во вторник ќе го спроведат избирачките одбори.
Во текот на вчерашниот ден, вкупно 723 лица го искористиле правото на глас во рамки на денешното гласање на лица заболени од КОВИД-19 и во самоизолација, информираше денеска Државната изборна комисија.
Претседателот на ДИК Оливер Дерковски појасни дека било утврдено дека треба да гласаат 759 лица, а разликата што се јавува во бројките кои ги соопштиле претходно е од причина што тие одлучувале и прифатиле одредени приговори од граѓани.
– Благодарност до медиумите и вистинската порака која што је пренесовте до граѓаните дека ДИК и државата обезбедија целосно сигурно гласање на сите наши граѓани кои беа во оваа категорија на гласачи, а со тоа можам да кажам дека ДИК си ја заврши својата задача и за останатите два дена за гласање кога ги повикувам сите наши граѓани да излезат и гласаат, и да не се грижат за своето здравје затоа што на гласачките места ќе бидат максимално безбедни, изјави Дерковски.
На изборниот ден, во среда на 15 јули, избирачките места ќе бидат отворени во седум часот, а гласањето ќе трае до 21 часот, два часа подолго од вообичаеното на претходните избори, кога гласачките места се затвораат во 19:00 часот.