На Фејсбук, почна интензивно да се споделуваат стари вести кои лажно наведуваат дека од утре ќе има полициски час. Споделувањето на стара вест, во овој случај е лажна вест, дезинформација и манипулација.
Веста што се споделува денеска на Фејсбук од различни корисници е напишана од СДК. мк со наслов „Од утре полициски час од 21 до 6 часот“ и е со датум на објава од 21 март 2020 година. Од „Сакам да кажам“, на својата Фејсбук страница експресно реагираа на ваквата манипулација:
„Почитувани читатели, кога споделувате ВНИМАВАЈТЕ на ДАТУМОТ на објава на веста.
Погледнете ја сликава: со црвено заокружен е ДЕНЕШНИОТ датум, со зелено датумот кога е ОБЈАВЕНА веста.
Ви благодариме за поддршката во борбата против медиумска неписменост и манипулации.“, реагираат од СДК.мк
Уште една стара вест со сличен наслов денеска е забележано дека интензивно се споделува на Фејсбук. Станува збор за вест од Читај.мк. Веста е со наслов „Полициски час од утре во 21 часот најави Комисијата за заразни болести.“ и е од 3 јуни 2020 година. И тука администраторите на Фејсбук страницата Читај.мк реагираат навремено и со предупредување:
И старата вест е лажна вест кога се користи како манипулација. Во такви случаи една вест што се пишува за даден период е точна, а е чиста дезинформација ако се актуелизира во друг период.
Не наседнувајте на провокации и лажни информации дека оваа вест е објавена денес!
Проверете го датумот пред да споделите.
Ј. Ѓорѓиоски