Поранешниот градоначалник на Општина Аеродром, Ивица Коневски на неговиот Фејсбук профил објави дека ќе поднесе тужба против портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски за „изнесени лаги и клевети“.
– Против портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски ќе поднесам тужба за изнесените лаги и клевети и тој за многу кратко време јавно ќе се извини. Мицкоски, ти порачувам уште еднаш дека сите овие лаги и манипулации нема да те спасат од заминување, напиша Коневски.
Претходно, Коневски на неговиот Фејсбук профил го критикуваше лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицковски.
– Мицкоски, по твоето огласување преку официјалниот портпарол, станува јасно каков човек ја води партијата. По мојот изнесен став, ти го тераш портпаролот да пишува ниски лаги и клевети за мене. Со тоа само потврдуваш дека ти и твојот тим немате капацитет да се справите со искрените критики, упатени за доброто на ВМРО-ДПМНЕ. Што побрзо си одите ти и таа багра од партијата, толку побрзо ВМРО-ДПМНЕ ќе застане на чело на државата, наведе поранешниот градоначланик на Општина Аеродром.
Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ на ФБ напиша дека Коневски поседува стан во зградата кај Мајчин Дом, приложувајќи слика од Катастар.
– За Ивица (комшијата) Коневски, бидејќи влегува во материјална расправа, еве малку материјал за него. Ја знаете зградата околу која се крена цел Аеродром кај Мајчин Дом. Е, токму во таа зграда Коневски има стан и деловен простор над 350м2. Патем, во истата зграда има стан и кумот на Марин. Ако се чудите зошто Коневски никаде го немаше овие три години да каже нешто против Зоран Заев, човекот беше зафатен со други работи, листовите подолу кажуваат повеќе. Членовите на ВМРО-ДПМНЕ во ВМРО гледаат кауза, а очигледно оние што бараат промени во ВМРО гледаат ДООЕЛ. Тоа е разликата поради која Ивица Коневски тежи минус четири илјади гласови, наведе Стоилковски.