Градоначалникот на Карпош, Стефан Богоев, денеска во „Утрински брифинг“ на „Слободна ТВ“ го најави Адреналинскиот парк кој треба да биде пуштен во употреба до крајот на летото, и најави 100.000 м2 зеленило во Карпош.
„Адреналинскиот парк и паркот кој во моментов се подготвува на местото на поранешната депонија, на површина од околу 70.000 м2 треба да претставуваат една целина. Покрај нив ќе поминува новиот мост на улицата Љубљанска кој ќе го поврзува Карпош со Бардовци и Злокуќани. Ова е содржинскиот дел од паркот, каде што има и карпа за искачување, детско игралиште, скејт парк, додека во другиот дел од паркот ќе доминира зеленилото. Овој парк тука, е на површина од 7.000 м2, додека другиот е 10 пати поголем. Верувам дека до другото лето овој дел од градот ќе биде значително променет. Додека пак, за адреналинскиот парк нема да се чека уште многу“, изјави Богоев за „Слободна ТВ“.
„Во наредните 2-3 недели следува технички прием. Критериумите се построги, бидејќи е финансиран од Светска банка. Замислата е овој парк да се користи во попладневните часови, бидејќи е соодветно осветлен“, рече Богоев.