По вчерашната експлозија во Бејрут, во која загинаа повеќе од сто лица, а над 4.000 се повредени, светот остана во шок и неверување.
Оваа ужасна трагедија покрена голем број на прашања во врска со безбедноста на места во која се чува високоризичен и експлозивен отпад.
На социјалните мрежи се појавија информации со една добра, и една загрижувачка вест.
„Додека сте насекирани за Бејрут, во ОХИС има 14 тонска цистерна со винил хлорид која стои така непроверена и оставена со години, а може да му направи на Скопје масакр со многу повеќе жртви од Бејрут“, е загрижувачката вест која ја напиша Др. Ненад Лазаров на својот Фејсбук профил.
„Германци не сакаат да дојдат ниту увид да извршат од што е лудо опасно и несоодветно оставена крајно токсична содржина, која може да го покоси пола град“, напиша тој, и сподели видео од Мета.мк за канцерогениот линдан во Охис.
Позитивната информација, и малку познат факт, е дека склад со опасни и експлозивни материи до неодамна имаше и на само неколку километри од Скопје, пренесуваат од ГРИН ЦИВИЛ.
На имотот на компанијата Макпетрол меѓу населените места Даме Груев и Ново Село до пред само една година беа складирани неколку тони застарено ракетно гориво за градобијни ракети во сопственост на АД „Теас-Темко“.
Во ноември минатата година, Владата преку Генералниот секретаријат успеа да го отстрани ова штетно гориво од околината на Скопје.
И. Е.