пишува: ЏАБИР ДЕРАЛА
СЕ КРШИ МРАЗОТ меѓу СДСМ и ДУИ. Тешки зборови паднаа во меѓувреме, некои прилично на место, некои претерани, некои задоцнети, а некои останаа и неискажани. Веројатно, коалицијата е далеку од договорена, но сè е релативно во овој период кога и минутите изгледаат како години. Има уште седум дена до крајниот рок за доделување на мандатот, а изненадувања се можни до последниот миг. Но денешните вести, тие заеднички декларирани позиции на партиските функционери на СДСМ и ДУИ, Николовски и Груби, сигурно предизвикале повишен крвен притисок кај некои, знаеме кои, во големата бела шампита.
НЕШТО НЕ Е В РЕД. Штама во ходниците на седиштето на вемерето. Козарот се расправа со своите следбеници на Фејсбук. Троловите почнаа да ги гасат своите гнасни онлајн дувла на омраза. Веќе не се слуша ни ехото од патетичната изјава со илјадапати повторени фрази на Мицкоски по конституирањето на Собранието. Среде криза од светски размери, здравствена и економска, се чини, животот почнува да наликува на нормален. Така, судијата милионер, патолошки хејтер и криминалец, Владимир Панчевски, доби пресуда од три и пол години, поздравено од американската амбасада како „позитивен чекор во барање одговорност за оние кои се обвинети за поткопување на независноста на судството“ (твит што треба да го прочитаат сите заинтересирани за парче од колачот на власта). Не сме навикнати на нормални работи, дефинитивно.
ЗОРАН ЗАЕВ на моменти изгледа како да бира меѓу мнозинство од 64 (не е погрешна бројкава, а не го вклучува Мрсулини, а и ова не е печатна грешка) и 76 пратенички и пратеници. Сè е јасно, само цената, како на берза, се менува од минута во минута.
СИТЕ НАОПАКУ, тие терсене… Генсекот на Беса се обиде да го привлече вниманието со ставот дека, ако влезат сите албански партии во парламентарното мнозинство, тој „ќе лобира“ неговата партија да оди во опозиција. Изгледа навистина му е потребно внимание.