Компанијата Фејсбук ќе им овозможи на своите вработени да работат од дома до јули 2021 година поради пандемијата на коронавирусот, соопшти портпаролката на социјалната мрежа.
Таа додаде дека Фејсбук ќе им даде на вработените 1.000 долари за работни потреби од дома.
Портпаролката на Фејсбук наведува во соопштение дека компанијата се одлучила на овој потег врз основа на упатства од здравствени и владини експерти, како и на одлуки донесени врз основа на внатрешни дискусии во компанијата.
Компанијата објави дека ќе продолжи со отворање канцеларии со ограничен капацитет таму каде што е дозволено според владините упатства и каде слабеењето на вирусот е забележано околу два месеца.
Инаку деновиве, нето вредноста на богатството на извршниот директор на Фејсбук, Марк Закерберг првпат надмина 100 милијарди долари, откако акциите на социјалната мрежа се искачија за време на пандемијата на новиот коронавирус.
Закерберг со такво огромно богатство им се придружи на сопственикот на Амазон, Џеф Безос и ко-основачот на Мајкрософт, Бил Гејтс, чија нето вредност веќе надмина 100 милијарди долари.
Тројцата се единствените луѓе на светот, чие богатство вреди најмалку 100 милијарди долари.
Информацијата за пораст на богатството на Закерберк беше објавена откако Фејсбук ја лансираше „Инстаграм Рилс“, опција што многумина ја гледаат како конкуренција на Тик Ток.