Со вакво драстично непочитување на мерките, состојбата со Ковид 19 воопшто нема да биде добра и бројот на новозаразени ќе расте, тврди за „Слободен печат” директорот на Центарот за јавно здравје Скопје, епидемиологот Александар Стојанов.
– Изминативе шест месеци имавме периоди кога состојбата беше подобра, но сега е влошена и со вакво непочитување на мерките воопшто нема да е добро. Луѓето несериозно ги сфаќаат мерките а кога ќе ги добијат симптомите, кога ќе качат температура се јавуваат кај нас со зборовите „во паника сум, морам да се тестирам”. Со никого не можете да се разберете. Цело време има свадби. Автобуси не возат со 50 проценти од капацитетот како што треба, туку се грижат за профитот. Еве туристички агенции се закануваат дека ќе штрајкуваат зашто не можат да возат во странство за сезоната на летувања. По плажите се прават забави како да е Нова Година. А дури кога ќе дојде грипот на есен, кога луѓето ќе се затворат во канцеларии ќе биде уште полошо ако се продолжи со вакво непочитување на мерките. Младите не можат да сфатат дека не може да има вакви групирања, забави. Ние сме на работа и сабота и недела, тие се на одмор и опуштени – вели Стојанов за Слободен печат.
До среда Центарот за јавно здравје Скопје ќе знае дали двестате новозаразени со Ковид 19 се производ на заеднички кластери.