коментира: ЏАБИР ДЕРАЛА
НЕ ТРЕБА МНОГУ ТРУД да се вложува за да се протолкува изјавата на Ахмети по средбата со Заев. Ахмети вели дека разговорите одат во добра насока и дека ова го прави за стабилноста, државата, доближувањето на заедниците… Очекувано е во оваа фаза тој да каже и нешто како „колку сме блиску, толку сме и далеку од договор“. Во превод, сега гледа да извлече што е можно подобри позиции во новата влада. Нагоре високо, надолу длабоко… Искрено се надевам дека не чекориме кон иднина што е веќе видено минато.
МАКЕДОНСКОТО ОПШТЕСТВО Е ЕДНО и за сите. Во него нема место за национализам. Ако некој не верува во тоа, нека го прочита Охридскиот договор. А? Што е тоа?
Охридскиот договор е мировен договор кој ја спаси македонската држава од крвавиот националистички пожар. Тој документ им припаѓа на сите граѓанки и граѓани, а со тоа и на сите заедници кои живеат во оваа земја. Не е исклучиво македонски, ниту албански, туку на сите – и несреќите од национализмот и војната и среќата што успеавме да се спасиме од нив.
Исклучивоста на Ахмети мириса на барутот од времињата на разурнување, насилство и смрт (крвавата 2001-ва година). Тогашните политички лидери и меѓународната заедница го спречија ширењето на воениот пожар со постигнување на Охридскиот договор на чие потпишување Ахмети не присуствуваше од познати причини. Беше в планина.
ЗАПАДЕН БАЛКАН, значи и ние, се наоѓа високо на германската агенда за време на претседателствувањето со Европска унија. Госпоѓа Шуц, директорка за Западен Балкан при германското МНР, очекува „обновен моментум“ од земјите на овој регион. Таа недвосмислено ги даде насоките. Сè почнува и завршува со владеење на правото. Никој не знае како „обновениот моментум“ ќе се усогласи со големите апетити на Ахмети да работи за „стабилноста, државата и доближувањето на заедниците“.
НА ИСТОЧНИОТ ФРОНТ владее чудна тишина. Таму сите чекаат Заев да направи влада, па да почнат игрите за познатиот, злокобен трон… во опозицијата.
ОСВЕН ВО МАКЕДОНСКАТА политика, човечкиот род бележи извесни постигнувања и во истажувањето на вселената…