Комисијата за заразни болести, како што најави вчера министерот за здравство Венко Филипче, треба да има завршен состанок, по што би требало да биде закажана седница на Влада, на која ќе се донесе дефинитивна одлука за тоа како ќе се одвива новата учебна година.
-Апсолутно Комисијата за заразни болести смета дека е огромен ризик по здравјето и на учениците, нивните родителите и на вработените во училиштата доколку училиштата целосно се отворат и да функционираат од почетокот на септември, изјави Филипче. Додаде дека не само децата се во ризик, туку и нивните родители, некои од нив се и со хронични болести, и затоа нивните насоки се сепак да се стави акцент на онлајн настава.
Според министерот Филипче, треба да се донесе тешка одлука. – Нема идеално решение. Мора да се заштити јавното здравје, а во исто време мора да се обезбеди и функционален едукативен процес многу битен за развојот на детето, рече Филипче.
Заеднички состанок вчера имаа Комисијата за заразни болести со претставници на Министерството за образование и наука (МОН), на која присуствуваше и министерот за образование и наука Арбер Адеми. Конечна одлука не беше донесена.
Адеми напомна дека без разлика на тоа кој модел ќе се избере, ќе треба да се направат измени на законите за основно и за средно образование, како што е бројот на ученици во паралелка или предлогот да се скратат наставните часови од 40 на 30 минути во основно, односно од 45 на 35 минути во средно. За тоа е потребно функционално Собрание, посочувајќи на можноста и за пролонгирање на почетокот на учебната година.