Првпат после изградбата на ОУ „Тошо Арсов“ истото е целосно реконструирано, со што се отстранети најгорливите проблеми со кои наставниот кадар и учениците со децении се соочуваат.
Повеќе нема провев од старите прозори и изронети тавани поради прокапани кровови, а дворот е комплетно и современо уреден. Децата од населбата Осми Ноември и околните населени места сега имаат училиште опремено согласно најновите стандарди.
„Денес извршив увид во градежните зафати во основното училиште “Тошо Арсов”, каде во тек се активности за реконструкција на кровната конструкција од 4400 метри квадратни и фасадата од 3800 метри квадратни, инвестиција во висина од над 650.000 евра.
Во изминатите две ипол години во ова училиште имаме инвестирано околу 850.000 евра во поставување на нов кров, фасада, прозори, платото пред училиштето, тоалети и заштитна ограда за поголема безбедност на дечињата.
Вакви реконструкции се случуваат прв пат после изградбата на ова училиште.
После долги години нашите образовни капацитети доживуваат најголеми реконструкции кои се од корист на учениците и вработените.
Продолжуваме и понатаму да инвестираме во вистинските потреби на нашите сограѓани.“, истакна градоначалникот на Штип, Благој Бочварски.
J. Ѓ.