И покрај тоа што кинеската интернет платформа ги засили безбедносните параметри за заштита на податоците и постојано апелира дека апликацијата е безбедна, администрацијата на Трамп продолжува со мерките против ТикТок во САД, пренесува Гардијан.
Првично беше понудено некои компании од САД да ги откупат оперативните делови на ТикТок за американскиот пазар, но од Мајкрософт, Твитер и Оракл сѐ уште не потврдуваат дали се барем близу до постигнување договор.
ТикТок, која е сопственост на кинеската ByteDance, објави дека планира да го пресретне предизвикот со забраната и дека „целосно се противи на ваквите чекори“, мислејќи на извршната наредба издадена на 6 август според која беше даден рок од 45 дена за ТикТок да најде купувач на услугите на апликацијата во САД. По реакција на ТикТок, рокот беше продолжен на 90 дена.
Компанијата вели дека администрацијата ги игнорира нивните „големи напори“ за да излезе во пресрет.
Не е едноставна работа да ја тужиме владата, но заради извршните наредби со закани за забранување на ТикТок во САД, едноставно немаме избор, велат од ТикТок. Баравме конструктивно решение, но администрацијата не обрна внимание на тоа и проба да се наметне во преговори меѓу приватни бизниси. Со тоа не ни останува ништо друго освен правно да се спротивставиме на извршните наредби.
Моментално, апликацијата во САД ја користат 100 милиони луѓе.
Превод: А. Н. С.