Секоја година традиционално во Лешочкиот манастирски комплекс се празнува денешниот празник Успение на Пресвета Богородица – Голема Богородица. Тамошниот собир се смета и за најмасовен во празнувањето на овој празник низ земјава, но годинава се разликуваше по две работи. Првата е што многумина од христијанските верници не беа присутни поради состојбата со епидемијата предизвикана од ковид, а другата работа е што и малубројните посетители беа пречекани од расфрлано ѓубре низ целиот комплекс, пренесува 360 степени.
Празни шишиња од пиво и вино, пластични чаши, лименки, хартии распослани на сите страни. Таква беше денешната слика во дворот на манастирот. Ѓубре имало оставено и на гробот на Кирил Пејчиновиќ.
Тетовци велат дека ѓубрето најверојатно е оставено од претходната вечер, кога вообичаено се собираат помлади на ден пред празникот.
Одбележувањето на овој празник во Лешочкиот манастирски комплекс „Пресвета Богородица и свети Атанасиј Велики“ досега претставуваше најмасовен црковно-народен собир.