Откако вчера Второстепената комисија по вторпат потврди дека одобрението за градење на „Шпанските скали“ на Плоштадот во Скопје е ништовно, градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ вели дека судот добил аргумент плус за враќање на земјиштето во сопственост на Општината. За да си го добијат назад, ќе чекаат да заврши судската постапка против ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и уште десетмина за незаконска продажба на државно земјиште, меѓу кое е и она за изградба на Шпанските скали, објави А1он.
„За да си го вратиме назад земјиштето мораме да го чекаме исходот од судскиот процес. Доколку судот утврди дека продажбата на државното земјиште е незаконска ние по автоматизам ќе го добиеме. Таму не може да се гради оти вторпат Второстепената комисија ја одби жалбата од сопственикот кој се жалеше по поништувањето на одобрението за градење, а парцелата не може ниту да се продава оти има забрана од судот поради судската постапка“, вели градоначалникот Богдановиќ за „А1он“.
Одобрението за градење на Шпанските скали Општина Центар го поништи поради тоа што истекол рокот за почнување на градбата. Второстепената комисија ја прифатила првата жалба од сопственикот на земјиштето оти имало технички пропуст.
Државното земјиште на Плоштад Македонија со површина од 1046 квадратни метри на електронска аукција во 2013 година беше продадено за 1,58 милион евра на фирмата „Амадеус Девелопмент“ за изградба на барокна деловна зграда висока 16 метри со Шпански скали кон Плоштадот.
Продажбата на оваа парцела, заедно со уште три други е предмет на судска постапка во Кривичниот суд.
Извор: А1он